МЛЕКО

Од тетрапак млекото во лонче стече,
и слушна како таму некој рече:
„Еве, пред Искра во сон да здивне,
за неа ќе стоплам какао да пивне.“

Млекото од страв речиси скисна:
„Не сакам“ силно писна!
Да ги изгубам белината и вкусот мој,
тоа е за мене одвратен спој!

Но, колку и да го лути овој час
оздола силно грее врелиот гас.

„Какао, јас?! Никогаш, не!
Јас сум гордо и тоа е сè!“
бесно скокна, од лончето стана
да остане чисто и бело без мана.

„Секогаш ќе останам млеко, знај!“
викна дури го бришеа од последниот крај.

 

превод: Дарко Јан Спасов